Иако термините “Социјален Претприемач” и “Социјално Претприемништво” станаа општопознати дури во текот на последните две децении, социјалното претприемништвото не е нова појава. Корените на тоа што ние сега го нарекуваме социјално претприемништво датираат кон крајот на деветнаесеттиот век и се поврзани со подемот на посистематска и стратешка форма на добродетелство.
Тоа претставува “поместување од идејата за добродетелност како едноставно давање милостина на сиромасите, кон нешто што може да создаде трајни и системски промени.” Често цитирани социјални претприемачи низ историјата се: Флоренс Најтингејл (Florence Nightingale) од Обединетото Кралство, основач на модерните институциии за медицински сестри; Џејн Адамс (Jane Addams) основач на социјалната населба Hull House во 1889 година; и Марија Монтесори (Maria Montessori), првата жена лекар во Италија, како и креаторот на Монтесори образовниот систем за деца во 1903.
Во поново време, најпознати социјални претприемачи се Мухамед Јунус (Muhammad Yunus), основач на Гремин Банка (Grameen Bank) и добитник на Нобеловата награда за мир за 2006 година; Викторија Хејл (Victoria Hale ) од Институтот за здравје OneWorld Health, која користи постоечки но напуштени фармацевтски истражувања за да овозможи нови лекови за најсиромашните луѓе во светот; и Ан Котон (Ann Cotton) од CAMFED (Campaign for Female Education), која е посветена на едукација на девојки во рурална Африка.
Социјалното претприемништво се наметна како препознатлив термин дури во последните две декади. Од важно значење за зголемениот интерес за социјално претприемништво беше појавата на две училишта за пракса во почетокот на 1980-тите години: “Училиште за социјални иновации” и “Училиште за општествени претпријатија.” Училиштето за социјални иновации разви свој препознатлив идентитет преку работата на Бил Драјтон (Bill Drayton), основач на Ашока, кој веруваше дека “најефикасниот начин за промовирање на позитивни општествени промени е да се инвестира во социјални претприемачи со иновативни решенија кои се одржливи и повторливи, како на национално, така и на глобално ниво”.
