Во Македонија

Социјалното претприемаштво во Македонија е во првичните развојни стадиуми, но постојните социјални претпријатија покажуваат дека и кај нас има потенцијал за раст и развој на овој концепт. За разлика од Европа, каде што социјалната економија придонесува со околу 10% од БДП, а секое четврто новоотворено претпријатие е социјално, ние сме одвај на почетокот и се соочуваме со бројни предизвици.

За да се поттикне развојот на овој концепт на претпријатија, потребна е поголема едукација и менторство на сите засегнати во општеството што сакаат да засноваат социјални претпријатија. Потребни се посебни локални и национални политики што ќе овозможат:

– дефинирање на социјалното претприемаштво и идентификување критериуми за тоа што претставуваат социјалните претпријатија во македонски контекст;

– отстранување на сите законски пречки за дејствување преку креирање флексибилни механизми, можност за социјални иновации како и фискални и даночни бенефиции и

– добро осмислени, балансирани и сеопфатни локални и национални стратегии и програми за поттикнување и развој на социјалните претпријатија, имајќи ги предвид сите територијални предизвици и потреби.

Во Предлог-законот за социјално претприемаштво (Скопје, предлагач: Министерство за труд и социјална политика, јули, 2015 година) социјалното претприемаштво во Македонија се дефинира како: „социјалното претприемаштво кое има поширока општествена корисност која се согледува преку влијанието кое го има во поглед на нови вработувања, поттикнување и развој на социјални иновации, проактивност и мотивација кај луѓето за самостојно работење и самовработување.

Социјалните претприемачи и социјалните претпријатија создаваат нови можности, нови облици на работа и дејствување, нови форми на организација на работа, производство, пласман и остварување приход односно профит кој повторно се користи за социјални цели.“

Социјално претпријатие во Скопје, Р. Македонија што вработува жени од ранливи категории на семејства: социјалното претпријатие на невладината организација Нега плус има мисија да се подобри економската и личната благосостојба на жените Ромки, жените што се жртви на семејно насилство и жените што се социјално и економски маргинализирани во Скопје. Програмите им даваат поддршка на жените да го зголемат својот економски и локален ангажман преку градење и подобрување на нивните деловни и животни вештини, овозможувајќи им пристап на пазарите, за да заработат дополнителни приходи на достоинствен начин. Програмата е комбинирана од социјални и претприемачки цели; посветена е на креативност, флексибилност и сигурни алтернативни форми на стекнат приход.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, во соработка со локални и меѓународни партнери создаде одржливо социјално претпријатие што ги поддржува и подобрува целите на Семејниот центар ХЕРА и дополнително создава финансиски бенефиции за жените што се жртви на семејно насилство. Програмата на социјалното претпријатие овозможува вработување за жените што се жртви на семејно насилство преку помош и квалитетна домашна нега на постари возрасни лица, што им овозможува да живеат посреќен и поздрав живот.